Дојде кај мене на гости еден ден Искричето, право од школо и рече: “Тете да ми помогнеш со домашното.” Отварам и во второ, како што си е редот им ја дале Снежана и седумте џуџиња за обработка.
И вели: “Прочитај ја приказната, потоа погледни го дизниевиот филм и кажи зошто Снежана е добра и како се спасила од лошата кралица?“
Не сум нафурана феминистка, ама пурпуров во мене цело време ми велеше дека е погрешно сето тоа што на Искриче и го ставам во глава, додека ја читав приказната.
Чекајте бе браќа Грим?! Кој и да е од двајцата тој што ја напишал. Кочи бе брат Дизни?! Аман со пропагандава?!! Па кого консултитавте? За која жена зборите? Кои девојчиња имавте намера да ги воспитувате и што сакавте да им кажете со приказнава??
И почнав:
Знаеш тете, Снежана и не била така добра, кутра принцеза.
И: Зошто?? Па била облечена во партали и по цел ден чистела и се мачела откако мајка и умрела?!
-Да, ама никој на сила не ја терал тоа да го прави. Татко и се преженил, знаеш и богат бил... и дома имале слуги, ама она ете и покрај тоа глумела жртва, па се облекувала во партали и го рибала патосот пеејќи жални песни.
Можела да оди на училиште. На електро на пример. Да прави нешто креативно и корисно како богата наследничка. Можела да се бави со мода и убавина, ако тоа ја интересира, ама одбрала да седи дома, да и се фрцка низ куќа на меќеата и да изигрува жртва. Толкава голема и способна девојка! Цел свет пред неа!
И: Да тете. Можела и пијано да свири и да прави концерти. ^_^
- Можела се што ќе замисли како секој млад, амбициозен човек.
И: Ама кралицата била лоша, сакала да ја убие и имала волшебно огледало :(
- Па така ни велат Грим и Дизни, но можеби само сакала да ја натера малава маза да порасне, да развие амбиција и да оди да успее во светот, а не само да се занимава со тоа колку е најубава и да посакува во бунарот да ја најде принцот и да ја ожени.
И: Ама тете Снежана била добра, а кралицата лоша!
- Дали ти тете сметаш дека некој кој е добар, би можел да отиде во мала едвај скрпена куќа на 7 хендикепирани мали човечиња, кои очигледно имаат потешкотии во физичкиот развој и да ги завземе нивните кревети, додека кутрите во своја куќа спијат по фиоки и на дрвени столчиња??
Калицата била лоша зошто имала волшебно огледало за да и кажува дека е најубава на светот? Па реално гледано и убава е. И паметна, само некој не сака тоа да го видиме, за да не тежнееме кон идеалот на убави, паметни и амбицииозни, туку само кон идеалот убави.
Може огледалото на кралицата и било Фејзбук тете којзнае?? (се покикотивме)
Е сеа Снежево наше пак, од друга страна окарактеризирано како "добрата", зима и ги маѓепсува ли, ги дресира и бичува... кој ли ќе знае што, животинкиве да чистат, перат и рибаат, дур она се понаша како шефица. Кажуе кој што да работи, пее и се фрцка, за да на крајот го земе на себе сиот кредит за исчистената куќа на џуџињата. Да, да, погледни го филмот. На крај дури и ќе ги разбрка животинките кои вредно и служеа и ќе рече ЈАС ја исчистив куќата со задолжително треп-треп на крајот.
На крајот на тешкиот и напорен рударски ден, ќе малтретира со надзор колку и како секој да се мие со сапун, каде да седнат за вечера (барем да беше комплетна вечера а не таму некоја си блуткава чорба).
Јака подршка за сите тие силни дијаманти кои дома и ги носат џуџињата!
После извесно време, кога никој не обратил внимание на нејзиниот егзил (веројатно зошто на сите им било гајле), малата атеншн хор измислуе приказна дека наводно кралицата со магија сакала да ја убие во неколку наврати. Работава комбинација на Видовити Љубе, тетка Сабинче и БТР после полноќ. Класичен синдром на плиткоумна голд-дигерка (спонзоруша-како сакаш наречи го), која не поседува нешто квалитетно со кое би се истакнала во средината, па шири муабети како сите ја мразат, лошо и мислат и сакаат да ја видат несреќна. (Синдром широко застапен кај македонските искварцани ТВ водителки).
Пак никој не и обрнува внимание освен кутриве мали изманипулирани човечиња. Инстантно смислува сценарио и одглумува жртва на убиство.
Жртва е клучниот збор тете. Тоа е оружјето на плиткоумните манипулантки, ретко забележано од околината.
Добива дисплеј од стакло од сироткиве џуџиња, се пушта муабетот за кутрата мала убавица, а она чучи и чека. Синки турбо-фол певаљка избркана од Големиот Брат, што чека ред за втор круг гласање.
Она е душата напатена, се дур не дое оној со коњот и наметката и на прв залап, паѓаат сите маски. Стануе му се качуе на коњот и чао џаци!
Одеднаш, џуџињата можат сами, кралицата не ја интересира, животните од шумата можат да изгинат од изнемоштеност. Анима Мунди нека се грижи за нив и такто и нека прави што сака. Она е кралицата сеа. Mission accomplished.
Сонот на убавицата е реализиран!
Толку.
Утредента се јавија кај сестра ми со барање тетка и на Искра да дое на разгвор кај школскиот психологот, за признание позади затворени врати, далеку од ушите на децата.
(...а во меѓувреме пералната сеуште врти мозоци на центрифуга)
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.