Thursday, July 25, 2013

Градот урнисан



Пак ме боли Скопје. Пак ме боли на далечина и пак ќе го јаде тастатурава.
Ах, да... и пак ќе кажете која си ти од Аризона да кажуваш како треба?! Ама погодете што??
Баш ми е гајле. Коментарите се исклучени,  а вие можете да си пишете ама што ви душа сака по вашите ѕидови и фејсбук гето-групи.
Оваа е МОЈ блог!
Ито како што ова беше МОЈ град! Мое Скопје, за кое НИКОЈ и НИКОГАШ нема да може да ми го одземе правото да го оплакувам! А не сум ни сама.
Многу сме... Сепак ни тоа не ве сопре да си го остварите правото кое САМИ си го дадовте. Да го уништите!
Не знам како вие растевте, ама ние растевме у кино Бамби и Култура кои ги силувавте и направивте парада на кич со штитови и копја.
Не знам каде се собиравте вие после школо, ама ние имавме Аеро Клубче карши Јосип Броз со еден куп урбани цури у старки и фармерки.
Гајле ми е дали по дома чувавте римски стубови до телевизорот со миље, ама во овој град МНТ беше и уште е  ултра-модерно архитектонско здание кое го запустевте за да ги наредите гоблените поред Вардар.
Водно беше душата над градот, заедно со водњанци пред да дојдете  и да ги насадите вашите розеви торти со коринтски стубови, китнести капители со розети и базени за да гледате одозгора.
Немаше клошарчиња (такозвани љаксиња, по скопски) у поршиња, ама имаше скопски фино васпитани дечки.
Имаше Скопски Фестивал и Мајски Оперски, а не Бугарски Турбо Фолк у парк.
Ретко кој идеше на тенис у Недела, како вие со Вилсоните и Ла Коста маичките, ама нас не растеа на тениско и у драмски, каде ја учевме душата на градов од Славе Биљбиљ и Крап.
Да, и тоа знам...ништо не ви значат вас тие имиња. Затоа и боли што сакате пепел да сторите се што не се совпаѓа со вашииот ментален склоп кој досега до преку оградата на комшијата.
Ја знам и вашата агонија и непроспани ноќи мечтаејќи да станете некој и нешто во овој град еден ден. Aма премногу горчина сте насобрале бре дечки! Не отрвувте со сиот тој отров што сте го собирале со години.
Зошто баш Скопје?
Зошто не си направивте свој Лас Вегас  некаде каде е празно и запустено?

100 пути боље ќе ви пројдеше и ќе оставевте само ваш белег каде немало ништо предходно. 
Од толку пространи паланки дојдовте овде да градите за да срушите едно минато кое вам не ви припаѓало?
Премлада сум за да се сеќавам, на Скопје пред и по земјотрес и можам само да замислам колку па нив ги боли.
Како да ви кажам дека кафето на Ленинова, која сте ја прекрстиле у Аминита уотевер у грло застанува?
Како да ви кажам дека Ленинова не е единствено вашиот комплекс од комунизам, туку Скопска прича?
Како да ви се објасни дека дрвата на Бристол се приказни за илјадници животи, ноќи непроспани и солзи исплакани?
Како да ви објаснам што значи да излезеш од Пионерски Дом Карпош и да гледаш и мирисаш липи, кога вие сте толку полни себе што си напраивте широка улица до работа за да шибате со лимузините?
Како да ви објаснат дека таа ваша работа кај што кроите планови да го ничкосате градов, беше нивната гимназија, каде се образуваа. Каде учеа како со култура се всадува душата на градот, која вие преку ноќ сакате да му ја земете?
Кој ли ќе ви објасни дека кич фонтаните и хорор-вртелешките што ги насадивте на плошдад,  НИКОГАШ нема да ја имаат душата на фонтана од Градски и вовчето во Луна Парк?
До бесвест античка историја копајте, митови плетете и  приказни везете околу вашите капии и споменици, ама нив НИКОГАШ нема да можете да им ја дадете душата на каменото мече и жената со кошница грозје во парк.
Ниедна грозна канделабра нема ги замени тополите и љубовните приказни под нив на Иво Лола Рибар.
Во 63-та го снајде земјотрес и се крена од пепел. Дали ќе има душа да се крене од фурија каква што сте вие, а го снајде неподготвен?
Расфрлавте гадости да лежат така како лешеви без душа.
Расфрлавте кич и го докитивте со простаклук.
Си изградивте спомен на сопствениот несвкус.
Го силувавте и пониживте како претепана жена, која после насилството ќе ја дотераат со лажни бисери за да сведочи како е се розово и не е страшно ако
малку паднеш по скали.
Само запамтете дека ни едно силување не поминало неказнето. Времето некогаш лечи, ама и рине по стари рани.
За да бидеш човек, треба да имаш душа, ум, приказни...
И за да направиш град треба да имаш култура, шмек, знаење, спомени и пак душа. Душа голема колку планина. Голема колку месечина од зад Водно.
Нашата спие под стариот Камени Мост. Оној од камен, а не од мермер.
Ќе лута како тинејџерка со свеќи околу Св. Димитрија на велигденска ноќ.
Ќе лелека за поглед од Кале надолу по Маршал Тито, преку железничка па се до Водно, без стотиците ругла кои ги насадивте.
Ќе сонува за еснафлукот со кој дишеше Дебар Маало, пред да го загушите со гадни натискани авети облечени у 
розево-жолти фасади.
Ќе бара топлина скриена меѓу дрвата во парк зошто тие ги штитат очите од вашите новоигзрадени чудовиша.
Ќе се најде чат-пат некое парче кое сте заборавиле да го оскрнавите, па да биде засолниште за скопските души.
Каде ќе оди вашата која го погреба градот и го урниса во паланка на невкус, простаклук и кич???
КАДЕ?
М?? 



Friday, July 5, 2013

Снежана - revealed

Дојде кај мене на гости еден ден Искричето, право од школо и рече: “Тете да ми помогнеш со домашното.” Отварам и во второ, како што си е редот им ја дале Снежана и седумте џуџиња за обработка.
 И вели: “Прочитај ја приказната, потоа погледни го дизниевиот филм и кажи зошто Снежана е добра и како се спасила од лошата кралица?“
 Не сум нафурана феминистка, ама пурпуров во мене цело време ми велеше дека е погрешно сето тоа што на Искриче и го ставам во глава, додека ја читав приказната.
 Чекајте бе браќа Грим?! Кој и да е од двајцата тој што ја напишал. Кочи бе брат Дизни?! Аман со пропагандава?!! Па кого консултитавте? За која жена зборите? Кои девојчиња имавте намера да ги воспитувате и што сакавте да им кажете со приказнава??
И почнав:
Знаеш тете, Снежана и не била така добра, кутра принцеза.
И: Зошто?? Па била облечена во партали и по цел ден чистела и се мачела откако мајка и умрела?!
-Да, ама никој на сила не ја терал тоа да го прави. Татко и се преженил, знаеш и богат бил... и дома имале слуги, ама она ете и покрај тоа глумела жртва, па се облекувала во партали и го рибала патосот пеејќи жални песни. Можела да оди на училиште. На електро на пример. Да прави нешто креативно и корисно како богата наследничка. Можела да се бави со мода и убавина, ако тоа ја интересира, ама одбрала да седи дома, да и се фрцка низ куќа на меќеата и да изигрува жртва. Толкава голема и способна девојка! Цел свет пред неа!
И: Да тете. Можела и пијано да свири и да прави концерти. ^_^
- Можела се што ќе замисли како секој млад, амбициозен човек.
И: Ама кралицата била лоша, сакала да ја убие и имала волшебно огледало :(
- Па така ни велат Грим и Дизни, но можеби само сакала да ја натера малава маза да порасне, да развие амбиција и да оди да успее во светот, а не само да се занимава со тоа колку е најубава и да посакува во бунарот да ја најде принцот и да ја ожени.
 И: Ама тете Снежана била добра, а кралицата лоша!
- Дали ти тете сметаш дека некој кој е добар, би можел да отиде во мала едвај скрпена куќа на 7 хендикепирани мали човечиња, кои очигледно имаат потешкотии во физичкиот развој и да ги завземе нивните кревети, додека кутрите во своја куќа спијат по фиоки и на дрвени столчиња?? Калицата била лоша зошто имала волшебно огледало за да и кажува дека е најубава на светот? Па реално гледано и убава е. И паметна, само некој не сака тоа да го видиме, за да не тежнееме кон идеалот на убави, паметни и амбицииозни, туку само кон идеалот убави.
Може огледалото на кралицата и било Фејзбук тете којзнае?? (се покикотивме)
Е сеа Снежево наше пак, од друга страна окарактеризирано како "добрата", зима и ги маѓепсува ли, ги дресира и бичува... кој ли ќе знае што, животинкиве да чистат, перат и рибаат, дур она се понаша како шефица. Кажуе кој што да работи, пее и се фрцка, за да на крајот го земе на себе сиот кредит за исчистената куќа на џуџињата. Да, да, погледни го филмот. На крај дури и ќе ги разбрка животинките кои вредно и служеа и ќе рече ЈАС ја исчистив куќата со задолжително треп-треп на крајот.
На крајот на тешкиот и напорен рударски ден, ќе малтретира со надзор колку и како секој да се мие со сапун, каде да седнат за вечера (барем да беше комплетна вечера а не таму некоја си блуткава чорба).
Јака подршка за сите тие силни дијаманти кои дома и ги носат џуџињата!
После извесно време, кога никој не обратил внимание на нејзиниот егзил (веројатно зошто на сите им било гајле), малата атеншн хор измислуе приказна дека наводно кралицата со магија сакала да ја убие во неколку наврати. Работава комбинација на Видовити Љубе, тетка Сабинче и БТР после полноќ. Класичен синдром на плиткоумна голд-дигерка (спонзоруша-како сакаш наречи го), која не поседува нешто квалитетно со кое би се истакнала во средината, па шири муабети како сите ја мразат, лошо и мислат и сакаат да ја видат несреќна. (Синдром широко застапен кај македонските искварцани ТВ водителки).
Пак никој не и обрнува внимание освен кутриве мали изманипулирани човечиња. Инстантно смислува сценарио и одглумува жртва на убиство. Жртва е клучниот збор тете. Тоа е оружјето на плиткоумните манипулантки, ретко забележано од околината.
 Добива дисплеј од стакло од сироткиве џуџиња, се пушта муабетот за кутрата мала убавица, а она чучи и чека. Синки турбо-фол певаљка избркана од Големиот Брат, што чека ред за втор круг гласање. Она е душата напатена, се дур не дое оној со коњот и наметката и на прв залап, паѓаат сите маски. Стануе му се качуе на коњот и чао џаци!
Одеднаш, џуџињата можат сами, кралицата не ја интересира, животните од шумата можат да изгинат од изнемоштеност. Анима Мунди нека се грижи за нив и такто и нека прави што сака. Она е кралицата сеа. Mission accomplished.
Сонот на убавицата е реализиран!
Толку.
Утредента се јавија кај сестра ми со барање тетка и на Искра да дое на разгвор кај школскиот психологот, за признание позади затворени врати, далеку од ушите на децата.

(...а во меѓувреме пералната сеуште врти мозоци на центрифуга)