Friday, February 20, 2015

И гнидите се луѓе



Добро утро Тодоров,

Не сум доктор, ама денес ЗА ТЕБЕ ќе станам. Во твоја чест, под твоја ингеренција, само за тебе! Твој ало-докоторе. Можеш да ме викаш твоја пара-докторка.
Има многу востановени дијагнози и пореметувања на личноста, ама во оваа специјална прилика, САМО ЗА ТЕБЕ прилика, ќе поставиме нова.
Ај ќе почнеме да ја викаме пореметување на недостаток на морална-одговорност или на странциски боље звучи: Lack of moral-responsibility disorder (LMR), јер ТИ СИ ПОСЕБЕН како и приликава, па ќе видиме; Може и до крај на текстов ќе го модифицираме името. Сé
 во ТВОЈА ЧЕСТ височество!
Причинители:
Непознати, со можност за генетско, социјални и финансиско политички тригер фактори.
Симптоми:
Игнорантно однесување, немање чувство на одговорност, неспособност за здраворазумно расудување, незаинтересираност за субјекти кои не се дел од личното его. Неспособност за хумано сочувство. Внатрешен гнев насочен кон субјекти надвор од личниот-универзум, самосожалување, обвинување на другите, потреба за нанесување штета без чувство на одговорност.
(Пара)Третман:
Во недостаток на стручни медицински методи, кои сеуште се во развој, една од препорачаните пара-методи би била самоповредување со гумен чекич (од потешките) 7-8 пати на ден, со прецизно изведени, што е можно посилни удари во главата на пациентот. Се верува дека ваквиот третман ја стимулира работата на центарот за чувство на одговоност сместен во мозочната кора.
Секојдневна поддршка за изведување на само-третманот од  домашните, пријателите, следачите и широките народни маси е круцијална за напредокот на пара-терапијата
Напомена: Гумениот чекич сеуште не е на позитивната листа. Снајдете се.

Според експертски пара-анализи овој феномен покрај луѓето се појавува во истата форма и кај уште еден вид. Гнидите. Со идентични карактеристики и симптоми, манифестирани во паразитскиот дух на нивната природа како: цицање крв без чувство на одговорност, инфериорност кон оштетените субјекти, опсесивна зависност од освоената положба, вложување напор кој е насочен единствено за своја лична цицачка корист, пренесување штетни влијанија во системот за кој е закачена гнидата, а кои можат да резултираат со смрт на недолжен субјект.
Бидејќи гнидите се несвесни паразити, третманот за санирање на овој синдром кај истите, мора да биде потпомогнат од надворешни фактори кои ќе им укажат на штетноста на нивните несвесни постапки и затоа во нивниот случај НЕ може да се употреби терапијата “Гумен Чекич”.
 Помошни алатки за санирање на ова пореметување кај гнидите (како несвесни паразити) се: чешел, оцет, прашок како стимулација за напуштање на оштетената зона и механичко влечење на гнидата надвор од зоната на удобна хибернација, со цел пукање со нокт на бела хартија од страна на избирачот на гнидата.
Според други пара-експертски анализи, постојат и алтернативни специјалисти, таканаречени Гнида-шепкачи или странциски Gnidas-whisperers. Ова е нова, неистражена метода, која има за цел на гнидите со активна вербална комуникација и гестикулативна интеракција да им ги предочи бенифитите од спротивниот начин и достапна можност на лична егзистенција, без насилно цицање крв и штетонст по системот и околните сожители. Овој метод во секојдневието е познат како БидиГнидоПеперутка-метод.
Што следствено ме наведе (како што спомнав на почетокот) покрај стручниот термин,  да изведам општо прифатлив термин за човечкоит синдром, кој слободно можеме да го наречеме Гнида-синдром.
Се надевам мојата опсежна пара-експертиза ќе им помогне на добрите луѓе кои сакаат да помогнат во тешката лична борба со ова нарушување, како и во борбата на многу недолжни гниди кои се борат со сопственото јас во изнаоѓање решенија за нивните несакани состојби.

Кафето ми е готово!
Вашиот термин истече.
За наредна сеанса јавете се на бројот за борба и санација на Gnidas-syndrome на 1-800-ОДИСИ