Пак ме боли Скопје. Пак ме боли на далечина и пак ќе го јаде тастатурава.
Ах, да... и пак ќе кажете која си ти од Аризона да кажуваш како треба?! Ама погодете што??
Баш ми е гајле. Коментарите се исклучени, а вие можете да си пишете ама што ви душа сака по вашите ѕидови и фејсбук гето-групи.
Оваа е МОЈ блог!
Ито како што ова беше МОЈ град! Мое Скопје, за кое НИКОЈ и НИКОГАШ нема да може да ми го одземе правото да го оплакувам! А не сум ни сама.
Многу сме... Сепак ни тоа не ве сопре да си го остварите правото кое САМИ си го дадовте. Да го уништите!
Не знам како вие растевте, ама ние растевме у кино Бамби и Култура кои ги силувавте и направивте парада на кич со штитови и копја.
Не знам каде се собиравте вие после школо, ама ние имавме Аеро Клубче карши Јосип Броз со еден куп урбани цури у старки и фармерки.
Гајле ми е дали по дома чувавте римски стубови до телевизорот со миље, ама во овој град МНТ беше и уште е ултра-модерно архитектонско здание кое го запустевте за да ги наредите гоблените поред Вардар.
Водно беше душата над градот, заедно со водњанци пред да дојдете и да ги насадите вашите розеви торти со коринтски стубови, китнести капители со розети и базени за да гледате одозгора.
Немаше клошарчиња (такозвани љаксиња, по скопски) у поршиња, ама имаше скопски фино васпитани дечки.
Имаше Скопски Фестивал и Мајски Оперски, а не Бугарски Турбо Фолк у парк.
Ретко кој идеше на тенис у Недела, како вие со Вилсоните и Ла Коста маичките, ама нас не растеа на тениско и у драмски, каде ја учевме душата на градов од Славе Биљбиљ и Крап.
Да, и тоа знам...ништо не ви значат вас тие имиња. Затоа и боли што сакате пепел да сторите се што не се совпаѓа со вашииот ментален склоп кој досега до преку оградата на комшијата.
Ја знам и вашата агонија и непроспани ноќи мечтаејќи да станете некој и нешто во овој град еден ден. Aма премногу горчина сте насобрале бре дечки! Не отрвувте со сиот тој отров што сте го собирале со години.
Зошто баш Скопје?
Зошто не си направивте свој Лас Вегас некаде каде е празно и запустено?
100 пути боље ќе ви пројдеше и ќе оставевте само ваш белег каде немало ништо предходно.
Од толку пространи паланки дојдовте овде да градите за да срушите едно минато кое вам не ви припаѓало?
Премлада сум за да се сеќавам, на Скопје пред и по земјотрес и можам само да замислам колку па нив ги боли.
Како да ви кажам дека кафето на Ленинова, која сте ја прекрстиле у Аминита уотевер у грло застанува?
Како да ви кажам дека Ленинова не е единствено вашиот комплекс од комунизам, туку Скопска прича?
Како да ви се објасни дека дрвата на Бристол се приказни за илјадници животи, ноќи непроспани и солзи исплакани?
Како да ви објаснам што значи да излезеш од Пионерски Дом Карпош и да гледаш и мирисаш липи, кога вие сте толку полни себе што си напраивте широка улица до работа за да шибате со лимузините?
Како да ви објаснат дека таа ваша работа кај што кроите планови да го ничкосате градов, беше нивната гимназија, каде се образуваа. Каде учеа како со култура се всадува душата на градот, која вие преку ноќ сакате да му ја земете?
Кој ли ќе ви објасни дека кич фонтаните и хорор-вртелешките што ги насадивте на плошдад, НИКОГАШ нема да ја имаат душата на фонтана од Градски и вовчето во Луна Парк?
До бесвест античка историја копајте, митови плетете и приказни везете околу вашите капии и споменици, ама нив НИКОГАШ нема да можете да им ја дадете душата на каменото мече и жената со кошница грозје во парк.
Ниедна грозна канделабра нема ги замени тополите и љубовните приказни под нив на Иво Лола Рибар.
Во 63-та го снајде земјотрес и се крена од пепел. Дали ќе има душа да се крене од фурија каква што сте вие, а го снајде неподготвен?
Расфрлавте гадости да лежат така како лешеви без душа.
Расфрлавте кич и го докитивте со простаклук.
Си изградивте спомен на сопствениот несвкус.
Го силувавте и пониживте како претепана жена, која после насилството ќе ја дотераат со лажни бисери за да сведочи како е се розово и не е страшно ако “малку” паднеш по скали.
Само запамтете дека ни едно силување не поминало неказнето. Времето некогаш лечи, ама и рине по стари рани.
За да бидеш човек, треба да имаш душа, ум, приказни...
И за да направиш град треба да имаш култура, шмек, знаење, спомени и пак душа. Душа голема колку планина. Голема колку месечина од зад Водно.
Нашата спие под стариот Камени Мост. Оној од камен, а не од мермер.
Ќе лута како тинејџерка со свеќи околу Св. Димитрија на велигденска ноќ.
Ќе лелека за поглед од Кале надолу по Маршал Тито, преку железничка па се до Водно, без стотиците ругла кои ги насадивте.
Ќе сонува за еснафлукот со кој дишеше Дебар Маало, пред да го загушите со гадни натискани авети облечени у розево-жолти фасади.
Ќе бара топлина скриена меѓу дрвата во парк зошто тие ги штитат очите од вашите новоигзрадени чудовиша.
Ќе се најде чат-пат некое парче кое сте заборавиле да го оскрнавите, па да биде засолниште за скопските души.
Каде ќе оди вашата која го погреба градот и го урниса во паланка на невкус, простаклук и кич???
КАДЕ?
М??
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.