Thursday, May 14, 2015

Не ти простувам


Не ти простувам Тони.
Не ти простувам ни во името на деновите кога сум те сметала за величина од талент, и ми било чест што сум те запознала како позната фаца која дружи со татко ми по скопските еснафски кафани.

Не ти простувам, зошто ми го политизираш постот во кој те прозвав (и имав доблест да те пингам)

Не ти простувам зошто се срамам што сум ти давала стоечки овации, за да на еден обичен ФБ пост си дозволиш да се спуштиш толку ниско и од уста, место актерски алтани и пиеси да ти се ројат измети, стомачни гасови, полови органи и муви лајнарки.

Не ти простувам зошто го закопа талентираниот актер и дозволи на негово место луѓе без грам школо и 2 прочитани лектири, да постават своја креација на уличен плукач, за сопствени цели.

Не ти простувам зошто плукаш по нас воспитаните, кои растевме со твоите претстави и плачевме на твоите ликови, за да ги воздигнуваш до небеса оние кои безмилосно те трошат во дневно-политички цели.

Немам ништо против "public roast" (хумор со навреди), ама Тони (или кој и да си ти сега позади ликот на актерот), ти ја загуби секоја смисла за хумор.

Бесот ти го разбирам. Не би сакала да сум ти во кожа, кога после сè постигнато, вистинските фанови на културата ти се губат како трошки леб меѓу гулаби. Можеби не ја сфаќам (зошто никад нема да си ја дозволам) агонијата на тешко градење уметнички аворитет, а после неколку години пропагандно фијаско, сите да те паметат само по простачки речник упатен кон обичниот народ, и оние кои до вчера ти биле културни фанови.
И мене би ме болело ако до вчера плејада интелектуалци го ценеле моето творештво, а сè што имам денес се армија партиски војници кои не погледнале една од твоите претстави, а те величаат и аплаудираат само поради гнасните зборови упатени кон оние кои не се сложуваат со нивните политички гледишта.

Знам Тончи. Уствари не знам и не дај Боже да дознаам, ама мора да е ужасно тешко.
И можеби јас сум никој и ништо, но личноста и сликата за мене, која сум ја изградила, не сум ја погазила ниту поплукала со гнасен вокабулар.
Дотолку повеќе треба да те загрижува што тоа не си го дозволува дури ни некоја си таму никој и ништо блогерка која чкраба по интернет. Но моите 50k фанови на тој никој и ношто "Проклети да сте" блог, и после 2 години се враќаат, го читаат и плачат на него. Не зошто е посебен, туку зошто е искрен. Зошто не е напишан да им служи ни на едните ни на другите. Зошто зборовите во него носат душа, а не злоба.

Не ми простувај што Шанац го заменив со Шабац. Така ќе биде додека не се врати Тони од "Буре Барут" и "ММЕ". Не ми простувај, зошто јас не сум твојата публика од локал-патриотски претстави на политичари, кои се бават со паланечки рокенрол, кафански турбо-фолк и по налог врескаат "TONI TI SI TZAR". Вистинската твоја публика не те викаше TZAR, (така врескаат оние следачите на Аца Лукас), туку со почит те враќаше на бис како актерска величина.

Прости ми само што имам трпение и надеж дека ќе се врати актерот Тони, оној кој има сила да крене стотици на нозе во театар, не оној кој има плунка и вреќа пцости да повлече партиски шизофреници.
Се молам Тони Михајловски да го најде патот до излезот и да го затвори во мракот во кој досега беше втурнат, овој Шабац.

P.S." Ова не беше блог пост, но во чест на еден уметник кој Шабац неправедно го втурна во заборав ќе го ставам на блог и ќе се вика -Не ти простувам-. Затоа ти "кој и да си" позади ликот на Тони, не го кради насловот инспириран според ликот на уметникот Михајловски"

Збогум Тончи, ни недостасуваш


Линк до постот на Facebook овде

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.