Saturday, March 9, 2013

ПРОКЛЕТИ ДА СТЕ! (писмо од дијаспора)


   Феникс, Аризона и убава сончева Сабота. Си купив ново ауто па се возам, мерак пусти. Ден како створен да бидеш среќен. Секаде наоколу гледам саде безгрижност, убавина, насмеани луѓе, полни продавници и паркови. Деца, млади, стари, кучиња и музики од коли и кафичи. Одеднаш како спотерана од ненајавена клетва притискам погрешно копче и случајно самата се пушта. Погрешна музика, во погрешно време. Антологија на македонски народни песни. Ја оставам и си возам така, а мозоков почнува со 100 на саат. Прелетува од запад кон исток и обратно за на крај да се помрачи, да му стемни... и тогаш се на што можам да мислам и се што ми ѕвони во главава е:

ПРОКЛЕТИ ДА СТЕ БЕ!

И ТИ
И ТИ #БЦ
И сите вие кои од позиција на моќ гледате и молчите, а можете да смените ако сакате

ПРОКЛЕТИ ДА СТЕ!

- за тоа што срцево ме боли за брезите во Тафталиџе
- за  сите пропуштени кафиња и утрински матинеа со другарки
- за сите книги на кирилица кои останаа непрочитани
- за сите зајдисонца во Дојран неовековечени
- за сите мрзаулци кои не сум ги видела во Маврово
- за ѓомлезето во Лескоец што ќе го пропуштам
- за крвта што не ја дарував кога за болно дете беше потребна
- за ајварот по пошта испратен
- за пијано концертот на внука ми кој го пропуштив
- за сите подароци спакувани во пакети како надомест на љубов
- за сите свадби на кои не отидов
- за сите деца родени што ги сакам, а за за кои ќе бидам само тетката од Америка
- за сите сарми неизедени
- за секоја солза на мајка ми
- за секоја воздишка на татко ми
- за  улиците на Скопје кои нема да ги распознавам
- за секоја празнина во реченица и збор македонски на момент заборавен
- за прошетките со кучиња на Вардар
- за Охридските лета што ги пропуштам
- за медаљата на внук ми од европско што не ја наздравив
- за тапите погледи на Американците и прашањата дали Македонија е вистинска земја
- за секое вино калифорниско, наместо црно Тиквешко
- за секое дете кое сонува да се качи на брод и да не се врати дома никогаш повеќе
- за цвеќето што на гробот на баба ми не го положив
- за утрата кои мирисаат на Старбакс наместо на свежо турско
- за тоа што син ми сонува на англиски
- за соништата со ресцветани дрва на "Гоце Делчев"
- за сите чиз-кејкови наместо баклави
- за сите комшии недојдени на кафе ненајавени
- за сите барови наместо меани
- за пропуштената изложба на татко ми
- за сите ноќи непроспиени и временски разлики непремостени
- за сите претстави  во Драмски неизгледани
- за сите млади луѓе кои ми завидуваат и веднаш би се смениле со мене
- за личната карта што дреме во "Беко" зошто друг не може да ја подигне
- за сите пропуштени пазарџиски муабети во Недела наутро
- за сите саати на Скајп поминати
- за месечината која ги нема истите сенки како кога изгрева од зад Водно
- за сладоледот од Палма и бозата од Апче неиспиена
- за хоризонт со палми, наместо ливади Лазарополски
- за сите мајки кои во болка се гушат, а велат-добро е, барем децата таму ни ги ценат
- за сите саати поминати во сообраќајни метежи на големите раскошни автопати
- за децата кои коски оставаат во хотелски кујни за лап-топот што дома ќе го испратат
- за сите ноќи непроспиени во борба за стипендија и надеж дека ќе останат
- за сите сонливи погледи кон авионите чезнеејќи за денот кога ќе ги јавнеме накај дома
- за тоа што лажете дека ве боли што многу млади си отидовме
- за тоа што не сте кабает ни да не преброите да видите колку сме
- за тоа што ви требаат места за вашите, па ги туркате со сила и тие малку што останаа
 
И за илјадници болки кои можат да се редат во недоглед од стотици расфрлани точки низ белиов свет. Неми крици од празни куќи во Лондон, Перт, Њујорк, Берн, Париз, Чикаго...
Ајде излезете сега пак на избори!
Сега тоа е најважно нели?!
Поважно е кој од која партија пребегал, отколку сите научници, инженери и генијални уметници што ги откорнавте и бесплатно им ги подаривте на светот. Немате време да не броите, зошто сега ливчиња имате за броење, ленти за сечење, бирократија за запослување, предавници за гонење, патриоти за промовирање и медиокритети за глорифицирање.
Така било така и ќе остане.
Нам ни останува да сонуваме за брезите во Тафталиџе. Сон за убавина.
С
он како утеха
дека барем тоа што НЕ сонуваме единствено за гола моќ, е она кое сеуште не прави луѓе.
  
 
(текстот е намерно напишан со измешан скопски сленг и литературен македонски со примеси на македонско-дијаспорски говор)